dm заедништво
Иницијативи {Заедно}
време за читање: мин

Иницијативи {Заедно}

Објавени резултатите од конкурсот {ЗАЕДНО} до зелени идеи

Во продолжение може да се погледнат проектите што ја добија поддршката за реализација од dm дрогерие маркет.

1. Вардарски острови - нов дом за малата чигра

Проектот „Вардарски Острови – Нов Дом за Малата Чигра“ има за цел реставрација на речни острови во долниот тек на реката Вардар, единственото гнездечко подрачје на малата чигра (Sternula albifrons) во Македонија. Преку контролирано отстранување на инвазивната вегетација, расчистување на отпадот и примена на природно-базирани решенија, ќе се подобрат условите за гнездење на овој загрозен вид. Проектот вклучува ангажман на најмалку 15 вработени од МЕД, 10 надворешни соработници и околу 80 волонтери, со директна придобивка за над 40.000 жители во регионот. Активностите ќе бидат проследени со мониторинг на популацијата, како и со кампања за подигнување на јавната свест преку социјални мрежи, теренски активности и едукативни програми.

2. Еко Акција - „Преку заедништво до почиста природа“

Овој проект ќе има значајно влијание врз животната средина, заедницата и општествената свест. Преку директна акција, ќе се отстранат значителни количини на отпад од одбрана локација во природа, придонесувајќи кон поддржлива и почиста средина. Со вклучување на млади луѓе, проектот ќе поттикне еко-активизам, создавајќи нови врски и заедница на мотивирани граѓани. Преку социјалните мрежи, инспиративните видеа и ангажманот на учесниците, ќе се прошири еколошката свест, мотивирајќи повеќе луѓе да преземат одговорност за природата. Дополнително, акцијата ќе влијае врз промената на менталитетот за управување со отпадот, промовирајќи совесно однесување и еколошки одговорен начин на живот.

3. Охрид ЕКО 2025

ЕКО Охрид претставува меѓународен проект на Нуркачкиот центар АМФОРА кој е еден од најуспешните и највлијателните проекти кој игра клучна улога во заштита на биодиверзитетот на Охридското Езеро. Проектот се фокусира и има директен ангажман на детектирање и отстранување на овој цврст отпад пропратен со кампања за подигање на свеста кај пошироката јавност преку презентација на резултатите, влијание на социјалните мрежи, анимирање на терен со промотивни материјали преку фотографии и видео материјали. Како едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, се соочува со континуирано сериозни еколошки предизвици, со најголем акцент на загадување од цврст отпад.

Објавени резултатите од конкурсот {ЗАЕДНО} едни за други: dm издвојува повеќе од 3 милиони денари за проекти посветени на женското здравје

На конкурсот кој dm го објави втора година по ред, пристигнаа речиси 60 пријави од проекти насочени кон подобрување и зачувување на менструалното и репродуктивното здравје на жените. Од нив, dm поддржа шест проекти со финансиска помош од повеќе од 3 милиони денари, со цел нивна успешна реализација. Ова е дел од иницијативата {ЗАЕДНО}, со која dm се залага за поддршка на теми што се табу во општеството, како што се менструалното и репродуктивното здравје. Избраните проекти настојуваат да ги едуцираат луѓето, да ги срушат бариерите за отворена дискусија и да овозможат пристап до потребните производи. Преку овие акции, dm ја истакнува својата посветеност кон создавање поздраво и поинформирано општество и инвестира во луѓето и заедниците. Целта е менструалното и репродуктивното здравје да се третираат како отворени и приоритетни теми, ослободувајќи ги од стигмата и пружајќи поддршка за сите кои имаат потреба.

Избрани проекти

1.Втор ден ми е – Кампања за подигнување на свеста за вториот ден на менструалниот  циклус, реализирана преку изложба на слики од девојки и жени, работилници за изработка на прирачници на тема менструална хигиена и исхрана за време на циклусот и 90-минутна панел дискусија.

2.Превентивни прегледи со мобилна гинеколошка амбуланта за загрозени категории согрѓани – проект преку кој ќе се спроведат бесплатни гинеколошки прегледи во 16 различни градови, проследено со истражување за состојбата на менструалното и репродуктивното здравје во тие градови. Овој проект опфаќа 200 директно погодени жени и девојки.

3.Циклус на нега: Поддршка на женското здравје – овој проект опфаќа едукативни работилници и сесии во 8 различни училишта, изработка на едукативни брошури, пружање на психолошка помош и поддршка, како и одржување на караван со цел подобрување на менструалното здравје и хигиена. Проектот ќе се одржи во неколку градови во југоисточна Македонија.

4.Мое менструално здравје ,,Mission Red’’ – проект наменет за едуцирање на Ромките преку формирање на клуб за ученици во едно средно и две основни училишта, како и одржување на 3 настани. 

5.Ослободете ја моќта на менопаузата: Проект за самоподдршка на жените – има за цел унапредување на квалитетот на животот на жените преку работилници и едукативни сесии за физичко и ментално здравје, исхрана, развој и креативност и двомесечен курс.

6.Нутритивно диететски навики кои имаат придонес за менструалното и репродуктивното здравје на жените – проектирано е да ги зајакне жените преку насочена едукација за исхрана. Препознавајќи ја критичната врска помеѓу навиките во исхраната и репродуктивното здравје, оваа иницијатива се фокусира на две витални групи: основци, ученички (од 7 до 9 одделение) и жени во перименопауза и менопауза. 
Минатата година, dm поддржа 6 проекти за подобрување на женското здравје, вклучувајќи ментално здравје, превентивни прегледи и менструална сиромаштија. Оваа година ја заокружи тримесечната кампања со активности како поткаст, дерматолошки прегледи и отворени разговори. Кампањата имаше голем успех и ја зголеми свеста за важноста на женското здравје. dm им се заблагодари на сите кои придонесоа во подобрување на благосостојбата на жените.


Објавени резултатите од конкурсот {ЗАЕДНО}: dm издвојува повеќе од 3 милиони денари за шест проекти посветени на физичкото, менталното и социјалното здравје на жените.

Ние како компанија преку конкурсот {ЗАЕДНО} поддржавме шест општествено одговорни проекти вредни над 3 милиони денари, насочени кон физичкото, менталното и социјалното здравје на жените. Од повеќе од 60 пријави избравме проекти кои покриваат теми како постпородилна депресија, превенција, менструална сиромаштија и поддршка за мајки на деца со развојни пречки. Кампањата ја зголеми инклузивноста и отстрани бариери, додека соработката со експерти овозможи бесплатни тренинзи и прегледи за жените.

Избрани проекти

  1. Заедно со жените – родители на децата со потешкотии во развој - Проектот ја поддржа менталната благосостојба на жени-родители на деца со потешкотии преку едукативни работилници и индивидуална помош. Исто така, формиравме клуб и организиравме поддржувачки настани во ОУРЦ „Иднина“ Скопје.

  1. Здрави жени за подобро утре - Примарната цел на проектот е да ги поттикне младите девојки и жени (на возраст од 15-29 години) во Северна Македонија да преземат одговорност за нивното физичко и ментално здравје преку информиран избор и холистички практики на начин на живот.

  1. Менструацијата не е луксуз - Проектот „Менструацијата не е луксуз“ цели да ја подигне свеста и да промовира здрави и одржливи опции за менструално здравје, особено менструалните чашки. Преку образование и информации, го намалуваме срамот и стигмата поврзани со менструацијата и истовремено го поддржуваме намалувањето на пластичниот отпад за подобра околина.

  1. Подобрување на менталното здравје и зајакнување на жените во Северна Македонија - Проектот има за цел да ја зајакне менталната благосостојба на жени и девојки од ранливи категории преку инспиративни вебинари, интерактивни панел дискусии и креативни кампањи за подигање на свеста. Со вклучување на локални застапници и активна улога на самите учеснички, овозможуваме споделување искуства, меѓусебна поддршка и креирање на релевантни теми што вистински ги инспирираат и мотивираат.

  1. Постпородилна депресија не е табу тема - Проектот „Постпородилната депресија не е табу тема“ цели да ја зголеми свеста и да ја подобри грижата за менталното здравје на трудниците и родилките. Фокусот е на јакнење на капацитетите на патронажните сестри и поддршка за жените преку едукација.

  1. Превенција подобро од лекување - Проектот вклучува продуцирање документарно видео за жена со оваријален карцином, со цел подигање свест за превентивните прегледи, здрава исхрана и физичка активност. Видеото ќе се промовира преку кампања и настан со дискусија меѓу здравствени работници, пациенти и претставници од здруженија и владини институции.